ПЕТ ВПЕЧАТОЦИ ПОСЛЕ ЕДНА НЕДЕЛА ВО КРУШЕВО (2)

Овој текст е продолжение на „Пет впечатоци после една недела во Крушево“ на нашиот гостин од Џорџија, САД, Закарија Хумрич. Прочитајте кои се неговите пет импресии после една недела во нашето Крушево…

Линк до првиот дел од текстот:

1. Живописна природна убавина – Не можете да зборувате за ова место без претходно да се осврнете на основата, а поголемиот дел од Македонија има цврст и нескротлив однос кон тоа. Крушево е како скапоцен камен над круната на Македонија со многу карактеристики на градовите сместени во планини: егзотични врвови, прекрасни ридови, снежна покривка која те носи во некоја зимска идила. Но, исто така, Крушево е препознатливо по невообичаената архитектура. Калдрми, прекрасни куќи со големо наследство и зачудувачко зачувување на културни споменици кои ве тераат да се запрашате дали сте го допреле рајот, реченица која ја чув пред да дојдам овде. Тогаш, не обрнав многу внимание на оваа реченица, но после првите впечатоци секако ја земам во предвид. За време на прошетката со мојот соработник околу центарот на градот здогледав еден хоризонт. Бев пречекан од еден поглед кој изгледаш како слика на Ванг Гог. Маглата стана толку густа што не се гледаше низ неа. Единственото видливо нешто беше мијазам кој кружеше околу еден планински врв и ја покриваше долината под неа во целост, терајќи ве да се запрашате дали воопшто има нешто под таа магла. Како несакајќи да сум се искачил во македонскиот рај.

2. Голема понуда на активноси – Ова се’ уште не сум го пробал, но постојано слушам за истото. Туризмот игра главна улога во економијата на Крушево и, оттука, има низа активности во текот на цела година кои привлекуваат многу различни видови на посетители. Кратка листа од она што го дознав:

• Параглајдинг – Често слушам дека овде е главната локација за параглајдинг на Балканот, а можеби и во Европа. Градот бил домаќин на многу натпревари а во план е одржување на многу Интернационални параглајдинг првенства. Привлекува посетители и натпреварувачи од секаде (најмногу слушам за француски и австралиски напреварувачи). Ова е голем спорт за кој ми велат дека мора да го пробам пред да заминам одовде.

http://weekendinkrusevo.com/?page_id=141

• Скијање – Ова е веројатно втората работа за која најмногу се зборува. Постојано слушам за ски центарот и колку морам да го пробам. Се’ уште не можам да зборувам за тоа искуство, но како што зимата брзо стапува на сцена сакам што поскоро да ставам скии и да научам да скијам.

• Планинарење и планински велосипедизам – Ги споменувам овие две работи истовремено затоа што на прв поглед се слични. Сигурно во лето пејсажите се прекрасни и веројатно затоа планинарските патеки и оние за планински велосипедизам не излегуваат од мода. Се’ уште не сум научил каде се патеките, но тие ќе ми бидат втор дом во лето.

When in Krusevo 2019

3. Чистота (проширено) Многу македонски општини се соочуваат со проблемот на аерозагадување, но за Крушево тоа не е проблем. Улиците се чисти и без расфрлани отпадоци. Градот отелотворува грациозна архитектура која ја надополнува глетката. Премногу често цивилизацијата знае да ја уништи природната убавина, но во Крушево тоа не е случај.

4. Култура – Крушево претставува привлечна комбинација на минатото и сегашноста. Насекаде гледате такви заеднички обиди и двете да се испреплетуваат. Модерен ски и параглајдинг центар опостојува заедно со класични домови. Музејот на македонската музичка ѕвезда е на неколку чекори од Македониум, спомен кој ги отсликува 10-те дена Крушевска Република што претставувала бунт против Отоманската империја.Традиционалните јадења како локумот се само на неколку минути од најдобрите пицерии во Македонија. Исто како што градот се стреми да ја поврзи цивилизацијата со природата исто така се поврзува и современата култура со историската гордост.

Со ова само малку опфатив од се она што може да се види овде, но се надевам дека се од она што не го спомнав ќе го спознаеме со текот на времето

5. Гостопримливост Пред да навлезам подлабоко во оваа тема морам да дадам малку контекст за да бидеме фер со остатокот од Македонија. Генерално, бев пречекуван многу топло насекаде во Македонија каде што бев. Македонците се секогаш љубопитни и генерално гостопримливи, но, Крушево е на едно поинакво ниво. Се случија неколку мали работи кои придонесоа за моето позитивно пристигнување овде, но има две приказни кои ми доаѓаат на памет во моментов. ¬Првиот настан е од почетната тридневна посета во ноември. Тогаш мојот македонски беше на потпросечно ниво во однос на фактот дека патувам сам или со јавен транспорт. Кога се симнав од автобус во Прилеп не знаев како да прашам со каков транспорт да одам од Прилеп за Крушево. За среќа сретнав жена по име Валентина која се враќаше за Крушево по истата рута како и мојата. Таа милостиво ме донесе до вистинското комбе за Крушево и се осигура да не завршам во комбе за Битола или на една од многуте други дестинации. Кога стигнавме дури и чекаше со мене за да види дали некој ќе ме пречека и дека ќе има со кој да продолжам понатаму. Втората приказна е по напуштањето на Крушево по првата посета кога се враќав во Прилеп. Се спријателив со постара жена додека чекавме транспортот да пристигне, односно таа наметливо се спријатели со мене. Јас очекував автобусот да влезе во автобуската станица, од каде што пред два дена се упатив нагоре во планините, но бабата знаеше подобро од мене. Испадна дека автобусот застанува блиску до автобуската станица и продолжува кон центарот на градот. Без некоја цел „скролав“ на телефонот и бабата проговори со возачот кога се симнуваше и побара да ме праша каде ќе слезам. По краток разговор сфатив дека треба да слезам со неа и набрзина се симнав од автобусот.

Генерално, се уште имам впечаток дека имам опфатено само дел од она што Крушево го нуди. Ја видов површината на многу различни активности и места, но допрва треба да ги искусам. Крушево го сфаќам како град кој секогаш има нешто скриено и се радувам на секое ново изненадување.

Share on:

Пет впечатоци после една недела во Крушево

По мое мислење ретко се случува во пракса да ги доживееш возвишените очекувања за одредена работа. Нормално е за нашата прва средба со некое место или личност да ни’ фали нешто во споредба со сликите кои претходно не’ маѓепсале. Во Америка, на пример, вообичаено е да ги хиперболизирате добрите страни и да ги минимизирате впечатоците за лошите за да ја достигнете вашата поента. Прифатливо е, но до одреден степен, да користите грандиозна и преопширна реторика. Исто така, нормално е дека сите, вклучувајќи ги и Американците, брзо учат да ги менаџираат очекувањата. Го споменувам сето ова затоа што е поврзано со мојот прв впечаток од Крушево Од периодот кога дознав дека ќе работам овде, во Крушево, до моментот кога прв пат стапнав од комбето во градот нивото на впечатоците што ги имав за Крушево беше преголемо и преувеличено.

Еве ги четирите реченици кои ги чув претходно:

1. Крушево е најубавиот град во цела Македонија!;
2. Крушево е најчисто од цела Македонија!;
3. Е, оттаму е Тоше Проески!;
4. Во Крушево има параглајдинг, сноуборд и природа што го зема здивот!

Да бидам искрен, малку ја преувеличив последната реченица затоа што не го знам македонскиот збор за „breathtaking“, но верувам дека ме разбравте.

Секој ден слушав бескрајни пофални зборови и перцепцијата која се градеше кај мене ги достигна височините на небото. Тогаш ,го направив она што секој би го направил, а тоа е ги комбинирав очекувањета со здрав скептицизам за на крајот само да чекам и да дознаам лично. Како волонтер на Мировен корпус, кој се подготвува да работи во наредните две години со општина Крушево, не сакав да отидам со превисоки очекувања и да се разочарам. Но, Крушево ги достигна и надмина сите мои очекувања.

Кога се симнав од комбето бев пречекан од еден од најубавите пејсажи кои некогаш сум ги видел. Затоа, дозволете ми да ви зборувам за моите пет впечатоци од оваа идилична дестинација и како таа ги надмина моите очекувања….

Преостанатиот и сигурно највозбудлив дел прочитајте го во следната објава и дознајте кои се тие 5 впечатоци на нашиот пријател од САД… #StayTuned

Продолжи кон вториот дел ТУКА

Share on:

Галоски – синоним за скромност и нескротлива амбиција

Кога скромноста и нескротливата амбиција ќе се спојат добивате успешна личност со голем потенцијал да ги надмине сите бариери кои за колегите од иста професија се чинат непобедливи.

Галоски, 10 дена Крушевска Република

На 9-ти август 2019, како дел од Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“, во Крушево гостуваше Галоски кој по две години пауза повторно со свој сет доаѓа во Крушево. По When in Krusevo 2017, кога последен пат настапи овде,  кариерата на Галоски тргна со светлосна брзина нагоре. Сите ние што го следиме на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ забележувавме како закажува и одржува настапи во Јапонија, Сингапур, Кина, цела Европа, а Балканот одамна го запознал овој диџеј.

Ги следевме социјалните мрежи и пратевме како отскокнува од другите, како граби кон успехот, како настапува рамо до рамо со познати светски ди џеи и, генерално, музички артисти. Галоски започна да гради интернационална кариера и од ден во ден, од настап до настап изгледа како да ги надминува сите пречки.

Пред настапот во Крушево имав прилика да разговарам со ди џејот од Тетово. Впечатокот што ми го остави е токму оној од почетокот на текстот – скромност и огромна амбиција која денес резултира со постојани настапи од кои мнозинството надвор од државата.

Од една страна, со неговата скромност и комуникативност покажува дека знае да се носи со успехот што го постигнал и дека, истовремено, не залутал во некој друг свет заради славата. Од друга страна, неговата амбиција прикажана во многу детали во разговорот што го имавме за мене претставува мотив да ги срушам сите пречки кои ги имам пред се’ во главата, а потоа и во реалноста, на личен план. Инспирирајќи се од неговите амбиција и скромност јас го научив рецептот за успех и тој краток неформален разговор ми помогна во себе да развијам нова и, верувам, поефикасна стратегија на патот кон успехот.

Трајче Шекрески, секретар на Манифестацијата, Галоски и Сотир Габелоски

Галоски минатата година посетил 40 земји, а денес продолжува да напредува и да го жртвува својот социјален живот затоа што знае дека светлата иднина е пред него, а патот до успехот веќе го чекори.

Навистина ми беше драго што те запознав, Александар, фала ти за мотивот кој ми го даде. 

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Најдоброто место за параглајдинг

Крушево се смета за едно од најдобрите места за параглајдинг во светот. Полетиштето за параглајдери и змаеви на Мечкин Камен секоја година е домаќин на десетина интернационални натпревари во параглајдинг и змајарство.

Во 2019 година тука се одржа 16-тото Светско првенство во параглајдинг со 150 учесници од рекорден број на земји – 49 од целиот свет. Во 2021 година во Крушево ќе се одржи Светско првенство во змајарство.

Полетиштето се наоѓа на повеќе од 1 400 метри надморска висина, а причината зошто се смета за едно од најдобрите места за овие спортови е неговиот пристапен и безбеден терен со фактот што точките за слетување се блиску до патиштата кои водат до Крушево. Исто така, учесници на 16-тото Светско првенство во параглајдинг го ставаат полетиштето во топ 3 дестинации за овој спорт, пред се’, заради ружата на ветрови кои овозможуваат правилни подигнување од површината.

Општина Крушево сериозно инвестира во авантуристичкиот туризам каде што централно место има параглајдингот. Неколку проекти го ставаат параглајдерството во фокусот и очекуваните резултати се Крушево да стане една од топ 3 дестинации за параглајдинг и змајарство.

Последната инвестиција која се очекува на овој простор е поставување на двојно поголем вештачка трева, која ќе овозможи побезбедно полетување и одржување на уште поголеми меѓународни натпревари во параглајдинг.

На ова место општина Крушево ќе изгради и објект за самите параглајдеристи, а во функција на одржување на повеќе меѓународни првенства.

Пред Европско првенство, 2019

Местото Мечкин Камен, кој е во околината на полетиштето, е место за пикник во летниот период за туристите и крушевчани, а патот до таму е соодветен за пешачење и планински велосипедизам. Околните шуми нудат адреналин, чист воздух и плодна вегетација. 

Мечкин Камен е уште едно историско место во градот Крушево и затоа не пропуштајте да го посетите кога сте во Крушево. 

Месноста Мечкин Камен

И покрај тоа што ова место е едно од поубавите и популарните излетнички места во себе со споменикот Мечкин Камен овој локалитет носи голема историска вредност за градот.

Споменик Мечкин Камен

Споменикот Мечкин Камен е симбол на Илинденското востание кое се издигнало на 1-ви август 1903 година. Споменикот ги означува последните и очајнички обиди на малубројните членови на одредот на Питу Гули за заштита на градот од турскиот окупатор. Споменикот е спомен на загубените комитски животи за слободно Крушево од 1903-та година.

Спомениот е подигнат во 1983 година и е креација на македонскио вајар и академик Димо Тодоровски.

Што претставува ова место за Крушево?

Ако споменикот Мечкин Камен е поглед кон минатото, кон едно славно минато кое градот Крушево го има, местото за параглајдинг е поглед кон иднината, за крушевчани и затуристи од Европа и Светот.

16-то Светско првенство, затворање, 2019
Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)