Како до побогат социјален живот во Крушево?

Социјалниот живот во Крушево некогаш знаел да биде навистина на ниско ниво. Без кафулиња, вечерни забави, ресторани, спортски игралишта, култура и различен тип на настани кои се исклучиво посветени на слободното време и неформалното образование. 

Денес Крушево има неколку кафулиња и во нив се организираат вечерни и ноќни забави кои кај младите пробудуваат најголем интерес. Во тој дел Крушево во последно време доби на разноликост и поголема можност. Крушевските локали „Планет“ и „Old School Krusevo“ во пракса се покажале и како добра опција за туристите, кои исто така ги посетуваат.

Во овој дел на социјален живот и искористување на слободното време не изостануваат рестораните, како и хотелот Монтана Палас со новоотворениот хотел Панорама Спа, но, да не се лажеме, пиењето кафе и викенд забавите не се и во никој случај не треба да бидат единствен „извор“ на социјален живот.

Новите спортски игралишта, едно повеќенаменско и две тениски, се уште една опција за младите во Крушево, заедно со крушевската спортска сала која е целосно реконструирана, опремена и со дополнителни содржини. 

Тука мора да се спомене и целосно реконструираниот ски центар Крушево кој оваа зима беше најпопларното место и за младите и за туристите.

Но, на Крушево му се потребни дополнителни активности, кои ќе отворат повеќе опции за туристите и ќе го збогатат социјалниот живот на младите крушевчани. Покрај реконструкцијата на спортската сала општина Крушево како дел ооспособи велосипедски патеки во должина од 42 километри.

Тука не смееме а да не го споменеме културниот живот на Крушево, за кој досега младите во повеќе наврати покажале самоиницијативност за директно вклучување во креирањето на културниот живот. Повторно, културниот живот и не е така импресивен, но со реконструкцијата на горната училишна зграда се очекува младите да си го добијат своето место во граѓанскиот активизам, спортот и збогатување на културниот живот. 

Горна училишна зграда по реконструкцијата

Дел од социјалниот живот е и работата на невладините организации, особено на Младински Сојуз – Крушево чија таргет група се исклучиво младите. Преку проектите Youth Friendly City и Dive Deper into Social Entrepreneurship како и настанот од европски рамки Меѓународната младинска конференција која секој септември 16 години по ред се одржува во Крушево оваа младинска организација му помага на Крушево да биде дел од модерните процеси, а на младите да им овозможи современо неформално образование. И секако, да го збогати нивниот социјален живот.

Share on:

Развој на спортот значи иднина за Крушево

Спортот е еден од адутите на Крушево во процесот на промоција на градот, но и покажување на сестраната успешност на ова место на 1 250 метри надморска висина.
Во Крушево функционираат неколку спортски клубови од различни спортови и покрај тешката финансиска состојба на секој од нив тие имаат историја на постоење, учествување на натпревари и нижење на успеси, кои истовремено се успеси на градот.

Фудбалскиот клуб Питу Гули е еден од спортските тимови кои зад себе има повеќе децениска историја и генерации кои заиграле во овој клуб и самостојно го одржувале. Во моментов Питу Гули игра во третата македонска фудбалска лига и постојано се движи во најдобрите 5 екипи од лигата.

Пинг понгарскиот клуб „Крушево“ е исто така уште еден од клубовите во Крушево со повеќе децениска историја зад себе, но и успеси кои се забележуваат секоја сезона. Само оваа сезона низа медали беа донесени во Крушево од играчите на овој клуб, учествувајќи на државни натпревари, а на Балканското првенство во оваа година се очекува клубот да има тројца претставни . Историјата на клубот вели дека почнувајќи од 1996-та година ППК Крушево секоја година освојува барем по еден медал.

Државно екипно првенство за пионерки, 2019г.

Одбојкарскиот клуб Синалко е, на некој начин, наследник на клубот именуван по уште едно значајно име за Крушево Нико Доага. Синалко е тимот во кој што и Тоше Проески заигра, а одбојката, како и фудбалот, е еден од најпопуларните и најпрактикуваните спортови во Крушево.

Лигашки натпревар, сезона 2019/2020г.

Исто така, како зимска дестинација Крушево не може да помине без т.н. „зимски“ спортски клубови. Постојат неколку клубови во нордиско и алпско скијање, а исто така Ставре Јада е еден од поуспешните во овој спорт во Крушево, заедно со селекторот Ѓоко Динески.

Најнов спортки клуб во Крушево е параглајдинг клубот „Хели ХЦ“ кој е организатор на повеќе меѓународни натпревари и нуди школа за оние кои сакаат да го пробаат и практикуваат овој адреналински спорт. Кога на тоа ќе се додадат природните потенцијали што Крушево ги посетува го направија овој град домаќин на десетици параглајдинг интернационални натпревари.

Меѓународен пролетен куп – Крушево 2019

Спортот во Крушево игра голема улога и, по напишаното погоре, но и според историјата Крушево забележало многу успешни спортиси и се до ден денешен таа традиција на успешност продолжува. Спортските клубови се едни од највлијателните амбасадори на Крушево и нашите спортисти продолжуваат со промоција на градот преку практикување на спортот што го сакаат.

Инвестирањето во спортот, кога зборуваме за Крушево, е паметна инвестиција и значи вложување во иднината не само на спортот, туку и во иднината на градот. Градот, покрај носителите на одлуки, е претставуван и од неговите успешни луѓе и колективи, а тука спаѓаат спортските клубови. Спортистите се амбасадорите на еден град и се дел од формирањето на позитивен впечаток за оние надвор од градот и општината. 

Share on:

Жолта, сина, кафеава – боите на крушевската архитектура

Многу куќи во Крушево дури и денес ја зачувале уникатната архитектура во која преовладува сината боја. Се верува дека доминантната сина боја е наследство на крушевските печалбари во Грција.

Но, во некои домови преовладува и жолтата боја за што се верува дека е наследство на печалбарите во Романија.  На дел од нив се забележува жолта боја на една четвртина од една страна од фасадата, што е уште една карактеристика на традицијата на крушевските куќи.

Сепак, некои куќи иако се изградени во 19-ти век нешто подоцна го промениле изгледот под влијание на печалбарите. 

Уникатната инфраструктура сведочи за богатото наследство на крушевчани. Преостанати се само неколку куќи со ваков уникатен изглед, но овие домови се симбол на наследството на Крушево и блискоста што овој град ја има со својата историја.

Share on:

Крушево – домот на параглајдингот

Туристичката кампања за откривање на убавините на нашата земја ги дава посакуваните ефекти. Секое интересно место кое има што да понуди веќе е на мапата и на домашните, а многу повеќе на странските посетители . Така е и во Крушево, кое со многубројните содржини, а секако и со природата, ги одушевува туристите.

Крушево веќе пулсира 12 месеци во текот на годината како вистински туристички центар. Градот е преполн со гости. Прекрасната природа, параглајдингот, музеите, историјата се адутите на Крушево.

Мечкин Камен, Крушево. На 1420 метри надморска височина. Поглед на пелагониската рамнина што восхитува. Чуството е возвишено, се чини го имате просторот на дланка. Тоа е излетиштето на летачите, на „зависниците“ од адреналинот. На луѓето кои посакале и храбро го приграбуваат чувството да се биде човек-птица. Тоа се параглајдеристите. Македонските, европските, светските. Го пронајдоа своето идеално место за да се вивнат во височините, да остават сè приземно, да се доближат до небесните височини.

Пределите се фантастични за прецизното слетување и за долгите прелети во кои со часови трае уживањето. Небото над Крушево е полно со воздушни струења. Широките долини нудат повеќе места за сигурни и безбедни слетувања. Опкружено од сртови и ридови, Крушево нуди одлична инфраструктура за пристап до стартните места за полетувања, како и локации каде пилотите лесно можат да бидат соберени после подолги крос-кантри летови.

Во Крушево сезонски работат неколку параглајдинг клубови и нудат тандем параглајдинг летови по пристапни цени.

Автор: Стефо Јанкулоски

Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)