Тука горе на 1250…

Тука горе на 1 250 метри надморска висина е поинаку. Тука горе на 1 250 се’ изгледа поинаку, се’ изгледа совршено, како во рај.

Тука горе на 1 250 си на врвот од сите. Од високо гледаш кон Пелагонија и соседните општини. Тука горе си над сите и се чувствуваш возвишено.

Тука горе на 1 250 чистиот воздух и мирот се најголемата придобивка. Тука горе на 1 250 чувството е уникатно, а како што газиш на врвот од светот и одиш уште нагоре се чувствуваш слободно, недопирливо и опкружен си со несекојдневни пејзажи.

Тука горе на 1 250 сонцето свети најсилно, а планините имаа сјајна зелена боја невидена на друго место. Тука горе можеш да одиш уште погоре и да го достигнеш врвот на секое ритче, секоја планина, секој природен пик.

Тука горе на 1 250 е полетиштето за параглајдинг на 1 400 м.н.в.. Тука горе на 1 250 е манастирот Св. Преображение, а погоре врвот Мусица на 1788 м.н.в. Тука горе е жичарницата, хотелите Монтана и Панорама, споменикот на Питу Гули и многу други локалитети кои нудат пејзажи што здив одземаат.

Тука горе виножитото после дождот е најсјано и најразнолико.

Тука горе на 1 250 се уникатните крушевски специјалитети, тука се историјата, културата и традицијата. Тука на 1 250 има локум, крушевска пита, мед, овчко сирење. Тука на 1 250 живеат спомените на Карев, Питу, партизаните, Тоше Проески. Тука горе на 1 250 е еден од најуникатните споменици во светот – споменикот Илинден дел од проектот Македониум. Тука на 1 250 е спомен куќата на Тоше, тука е неговата улица и тука се неговите песни како негов спомен.

Тука на 1 250 е Крушевското Езеро кое ќе ти понуди спас од сите грижи и стрес. Тука на 1 250 имаш адреналин во повеќе форми. Тука на 1 250 е природата која ти фали во животот.

Тука на 1 250 ќе најдеш убавина несвојствена за Македонија. Тука на 1 250 ќе најдеш богатство, ќе најдеш уникатност во природа, гостопримство и насмевки.

Тука на 1 250 улиците се поинакви. Чекорот по нив е поинаков. Чувството е нешто посебно.

Дојди овде, на 1 250 метри надморска висина и почувствувај нешто што не се опишува со зборови.

Сотир Габелоски

Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)