АТВ тура со водич – ново доживување во Крушево

Крушево, одново, нуди нови искуства. Посетете го Крушево и уживајте во возењето на АТВ четирицикл по падините на Бушева планина, а ние ќе се погрижиме да имате добар домаќин и водич.

Изминатите години Крушево забрзано се развива во понудата како туристичка дестинација. Ако порано градот нудеше само културни манифестации и дегустација на крушевската кујна, денес нуди многу повеќе. Тандем параглајдинг, планинарење, велосипедизам, ботанички тури, јавање коњи, авантуристички парк и возење на АТВ се само мал дел од крушевската туристичка понуда.

Изминатиот викенд имавме гости од Битола. На своите „мотори на 4 тркала“ тие допатуваа до Крушево каде што ги пречека уште еден љубител на овој „мотоспорт“. Младиот Таки Јуца ги предводеше гостите на кратка тура во Крушево, со посета на Мечкин Камен, полетувалиштето за параглајдинг и самиот град. И гостите и нашиот домаќин се согласија во првата наредна прилика да се „проба“ панорамска тура која опфаќа преубави предели од Бушева планина.

Она што Викенд во Крушево и нашиот домаќин го нудиме е водич во панорамските тури со АТВ. Контактирајте не’ доколку сакате авантура и максимално уживање во крушевските предели.

Фејсбук: Викенд во Крушево
Моб: 072 264 157

Share on:

Високо на 1 400 метри

Веќе зборувавме и пишувавме за Мечкин камен. Боите кои се распостелуваат на ова историско место се најубави оваа есен. На пат кон ова истовремено излетничко место е и полетиштето за параглајдинг. Тоа е неизбежно. И погледот од таму е прекрасен, но особено одзема здив оваа есен и во овие сончеви денови.

Еве пак ќе се потсетиме на боите на есента кои се можеби највпечатливи на Мечкин камен, ама ќе ве потсетиме и на постот кој го посветивме на ова место.

Прочитај повеќе: Мечкин камен деновиве – неповторлива прилика

После овој пост (на линкот погоре) повторно се навраќаме на ова место. Деновиве и по објавување на овој блог пак ќе се вратиме оти е прекрасно. Свежо е, но боите и сонцето го привлекуваат нашиот тим одново да се враќа тука горе на 1 400 метри надморска висина.

Доволно е до овде да дојдете со автомобил и само да го истражите ова место. Ако сте за прошетка можете комотно да испешачите околу 3 до 4 километри до Мечкин камен и од 1 250 да се искачите на 1 400 м.н.в. Оставаме на вас. Ама, како и да е ова место топло го препорачуваме оваа есен.

Прогнозата за временските услови вели дека времето ќе остане претежно сончево и температурата од ден во ден ќе се подигнува. Затоа, ако доаѓате од друг град овој викенд дестинацијата која ќе ја изберете е токму Крушево, а дел од агендата мора да биде Мечкин камен.

Застанете на самото полетиште. Значи морате ! ! ! Оттука погледот е феноменален. Ја гледате Пелагонија. Гледате разнобојни дрвја. Гледате сино небо. Вдишувате, издишувате. Среќни сте. Мирот го вдишувате, стресот го издишувате.

Летото во Крушево е убаво. Тоа е посвежо и полесно за дишење. Зимата е убава заради снегот. Пролетта е добра како најава за летото. Но, овие фотографии покажуваат дека есента е подеднакво привлечна. Мислам дека ве уверивме со нашите фотографии и пренесени искуства.

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Мечкин камен деновиве – неповторлива прилика

Само што сонцето угрее секое место во Крушево е од убаво – поубаво. Така е и деновиве на Мечкин камен.

Прошетката до Мечкин камен е уште една опција за љубителите на Крушево и природата. Да не испадне дека само Крушевско Езеро е убаво за прошетка. За промена може да го искористите убавото време и да испешачите добри 4 километри во еден правец и да уживате на есенското сонце на Мечкин камен.

Погледнете ги фотографиите. Есента е во полн ек. Глетката е преубава. Постелените лисја се декор на сите овие пејзажи. Летото е убаво. Есента подеднакво убава. Барем кога нема дождови.

Местата за седење и дружба се исто така одличен избор да поминете време и да одморите од искачувањето до Мечкин камен. Можеби ќе сакате да се појавите пред сонцето затоа што сепак се работи за есен во Крушево, но потрошете некој минутка на овие места од овој историски локалитет.

Драги наши љубители на Крушево. Ве очекуваме во Крушево. Да го искористиме топлото време, да ја искористиме убавата есен и да уживаме под отворено небо. Ова е неповторлива прилика.

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Дали сте за прошетка во октомври? Место: Крушевско Езеро

Никогаш нема да ви станеме досадни со нашите фотографии и текстови за Крушевско Езеро и околината. Тоа место не’ обзема и во овие есенски денови, час врнежливи, час студени, ама секогаш прекрасно за пешачење.

Пред некој ден направивме одлични фотографии иако времето беше малку тмурно и облачно, а кога времето е такво тогаш боите не се толку живи. Сепак, нашите аматерски фотографии се прекрасни заради убавината на местото, заради неговата живост, заради раздвиженоста која е постојана.

Ајде, погледнете и кажете ни’ што мислите.

Околината не е помалку убава. Затоа викаме дека овој комплекс како целина е навистина здиво одземувачки :D.

И, сега? Дали и вие сте за прошетка на Крушевско Езеро во октомври?

Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)