Ставре Јада ни раскажува за почетоците и успесите во спортот

Тимот на Викенд во Крушево направи интервју и со нашиот познат спортист Ставре Јада, па тој со задоволство ни одговори на нашите прашања.

Пред се, го прашавме кога е роден и со што се занимава моментално? Па ни одоговори: – ,,Јас сум Ставре Јада, роден сум 18.05.1998 год. во Битола, моментално се занимавам со најтешкиот спорт на светот, а тоа е нордиско скијање и биатлон.”

Покрај спортот, дали студираш и што студираш? – ,, Покрај спортот, студирам на Факултетот за физичка култура спорт и здравје во Скопје, во средно не бев некој јак ученик но кога завршив прво што сакав е да се запишам на факултет и сега за сега добро ми оди. ”

Следно, кога почна да се занимаваш со овој спорт, па тој ни одговори дека со нордиско скијање почна занимава пред 8 години, поточно кога имал 14 години.

Го прашавме, зошто баш нордиско скијање? – ,,Уште од мал гледав постојано нордиско скијање (трчање) и го сакав тој спорт. Со текот на времето во мене се јави голема желба да започнам со овој спорт. Татко ми ми кажуваше дека е доста напорен и тежок, но јас бев на тој став да започнам да тренирам.”

Во кои држави се имаш натпреварувано? – ,, Се имам натпреварувано во сите балкански држави: Македонија, Србија, Бугарија, Босна, Хрватска, Романија, Турција, Грција, Словенија потоа од европските држави сум се натпреварувал во:Австрија, Италија, Швајцарија, Словачка, Шведска, Норвешка, Финска, Полска, Естонија, Украина, Чешка, Германија и Јужна Кореа.”

Потоа, кој натпревар ти останал најмногу во сеќавање, па ни одговори дека имал доста натпревари досега, но натпревар кој ќе остане секогаш во неговото сеќавање е последната трка пред Олимпијадата во 2018 год. во Словачка (Штрбско Плесо), каде на последниот ден од класификациите за Олимпијада успеал да оствари А-олимписка норма.

Колку први, втори и трети места имаш освоено? – ,, Имам освоено 22 први места, 20 втори места и 13 трети места на Балкански натпревари во нордиско скијање и биатлон, но веќе и не ми се важни овие медали на балканските натпревари, веќе ги вкусив. Сега се стремам кон поголеми европски натпревари а зошто да не и медал од еден поголем натпревар. ”

Следно, сподели со нас интересен настан од некој натпревар? – ,,Скоро и да нема некои интересни случки во моите натпревари (трки), но нешто што ќе остане можеби засекогаш врежано во мојата душа ќе биде последното Светско јуниорско првенство во биатлон за мене оваа година во февруари месец во Швајцарија (Лензерхајде), каде на трката на 15км индивидуален старт заради моите 2 грешки на стрелиштето и многу бавното темпо за време на стрелањето загубив 6-то место за кое бев спремен и тоа ќе беше мојот најголем успех во досегашната кариера, но продолжувам напред веќе во сениорска категорија. ”

Дали во иднина мислиш да се занимаваш со овој спорт? – ,, Да, во иднина мислам да продолжам со овој спорт, имам голема мотивација, тренирам напорно, голема поддршка од домашните, од федерацијата, од Македонскиот олимписки комитет, од Агенцијата за млади спорт, поддршка од мојот град Крушево, во 2022 година следува нова Олимпијадата во Пекинг (Кина)  за која веќе од сега се подготвувам, потоа 2026 година Милано и Кортина д’Ампецо (Италија) а доколку ме послужи здравје зошто да не и на следната олимпијада во 2030-година. ”

На прашањето дали во некои моменти посакуваше да се откажеш на некој натпревар или општо од спортот, ни одговори: – ,, Да за време на олимпискиот циклус односно квалификациите за Олимпијадата во Пјонг Чанг 2018год на некои летни натпревари (ролер-ски) и неколку зимски натпревари посакував да се откажам, посакував и да се тргнам од овој спорт засекогаш, но немав храброст да го направам тој чекор затоа што во мене имаше голема љубов кон овој спорт. Олимпискиот циклус ќе го запаметам засекогаш по многу лоши работи и препреки кои ми се случија пред да ја остварам А-олимписката норма и да отидам во Јужна Кореа.”

Која држава ти оставила најголем впечаток и зошто, беше нашето следно прашање. ,,Најголем впечаток ми оставила Австрија  а поточно планинското градче (Обертилијах) каде секоја година имам подготовки на снег и секако натпревари, мало планинско градче во кое се чувствувам како да сум дома, температурите таму се доста ниски преку зимата се наоѓа на надморска височина од 1650 метри.”

Како последно прашање, дали мислиш дека спортот со кој се занимаваш го промовира Крушево? И како го промовира? – ,, Сметам дека мојот спорт го промовира Крушево, нордиското скијање има долга историја, отсекогаш во Крушево имало нордиски скијачи, посебна промоција прават летните ролер ски натпревари кои од година во година растат се повеќе и има се поголема конкуренција.”

Тимот на Викенд во Крушево ти се заблагодарува за одвоеното време и за краткото интервју, па ни останува само да ти посакаме уште многу први места и успех во спортот и на секое поле од животот.

Share on:

По завршувањето на средното училиште се знаеше дека останувам со изучување на музиката, ни раскажа Пеце Христоски.

Нашиот сограѓанин Пеце Христоски е наставник по музичко образование во нашиот град, а нас ни беше задоволство да направиме кратко интервју со него.

Па погледнете ги неговите одговори и кои интересни работи ги сподели со нас.

Пред се, го прашавме кога е роден и со што се занимава моментално? ,,Имам 32 години и моментално предавам како наставник по музичко образование во ОУ ,,Никола Карев” во Крушево како и во гимназијата СОУ ,,Наум Наумовски-Борче” . Во слободно време сум активен со проби и настапи со бендот ,,Марифет .”

Потоа, од кога се занимаваш со музика? Па тој ни одговори: – ,,Со музика сум од најмали години, а се сеќавам дека првата песничка ја свирев и ја научив на седум години. Со сите би рекол скромни услови за музичка наобразба кои може да ни ги понуди едно мало гратче како што е нашето и времето во кое растев, во кое интернетот не беше воопшто достапен мислам основата која ми ја покажа мојот татко беше сосема доволна за почеток. ”

И него го запрашавме каква музика слуша, па како одговор следеше: – ,,Нема да звучи како клише затоа што навистина слушам секаква музика. Најчесто се насочувам според потребите кога треба да се сработи некаков проект за во училиштето или бендот. Дефинитивно најголем предизвик ми е џез музиката. И покрај обврските пробувам најпрво да се наслушам (да ја осознаам) и да ја разберам за да можам да ја применувам. Повторно и оваа е поврзано со моментот да дојдам до ниво за да можам да ја практикувам. ”

Го прашавме во кои други бендови/групи бил до сега? – ,, Првите седум години ги поминав во ,, Фантастик бенд”. После две или три години настапувавме како дуо заедно со Велко Николоски. Негова беше идејата да направиме нешто посериозно со бенд и продолжив во ,,Инвиктус”. Последно започнав соработка со колегите од ,,Црешово топче”, меѓутоа во ист период ме контактираа колегите од Прилеп на кои им требаше клавијатурист и се одлучив да продаолжам со нив, така да еве две и пол години сум со ,,Група Марифет”.

Освен во група Марифет, дали настапуваш и со други групи или поедини музичари? – ,,Работата и во слободно време проби и настапи со група ,,Марифет” целосно ми го исполнуваат секој работен ден па и викендите. Постои колегијалност помеѓу музичарите и соработуваме или си помагаме во дадени ситуации или одредени проекти онолку колку ни дозволува преостанатото време. Во овие услови во кои се најдовме со вонредната состојба и корона вирусот снимаме кавер верзија на познати хитови, па тоа е уше еден од начините со кој што покажуваме дека соработуваме меѓусебно. ”

Следно, дали постојат познати личности, странски и наши кои ти служат како инспирација или некој бенд можеби? – ,,Ги има многу. Од познати инструменталисти до пејачи, странски и наши. Едноставно луѓе кои пред се се надградувале музички како созревале со текот на годините. Мора да го истакнам бендот Тото. Не знам, едноставно нивната музика е тоа што мене ме исполнува најмногу. И во нивното 40 годишно постоење и творење се гледа тоа постојано усовршување во секој поглед. Пред 2 години имаа концерт во Скопје во спортскиот центар тогашниот Борис Трајковски. Незаборавно искуство, перфектен звук, врвни музичари и еуфорија која се навраќа секогаш кога се потсетуваме на тој настап. ”

Го запрашавме како започнала приказната со музиката, па ни раскажа: ,, Од како знам за мене сум со инструментите, со клавијатурата и со музиката. Од татко ми имав инструменти на куп па некако се подразбираше дека ќе се определам да се занимавам со музика. Од основното училиште до средното во Битола кое многу ми е мило што го завршив на инструменталниот отсек- труба. Понатаму се знаеше дека останувам со изучувањето на музиката. ”

Ни раскажа интересна случка која се случила за време на некој настап со групата или при самостоен настап. – ,, Случки има безброј. Држбата со луѓе секогаш носи нови моменти и ситуации. Можам да се присетам на една приватна забава во Порта Џез во Битола, мислам дека беше некоја годишнина од матура. Еден од гостите дојде до нас на бината. Се затрча, биквално скокна и се фрли во публиката. Најпрво се исплашивме бидејќи пред се заради тоа што беше ненадејно, неочекувано, а и ризично по неговата безбедност. На раце го пречекаа другарите па подоцна раскажаа дека тоа му била веќе проверена и извежбана атракција, која ја практикувале на сите нивни заеднички собири. ”

Нас ни преостанува само да се заблагодариме за ова интервју со Пеце и му посакуваме успеси на секое поле во животот.

Share on:

Љубовта кон музиката е огромна, сподели со нас Dj Јован Шапе

Јован Шапе е долгогодишен диџеј, па со задоволство направивме интервју со него, а тој сподели интересни работи со нас.

Пред се, го прашавме кога е роден? – ,,Роден сум на 04.09.1980 година во Прилеп. ”

Потоа, од кога си диџеј? Тој ни одговори дека како диџеј почнал да се занимава од 1996 година, или поточно пред 24 години во тогашната актуелна дискотека во Крушево,(Disco Pub ANDORA) или како што Крушевчани милуваат да ја нарекуваат кај Вуле.:)

На следното прашање, зошто се занимаваш со тоа, тој ни кажа: – ,,Љубовта кон музиката е огромна која кај мене датира од 1986 тата година. Во мојата фамилија се негувала музиката отсекогаш,почнувајќи од мојот дедо Јован Вана Шапе кој бил првиот поп пејач на балканот и мојот татко Крсто Ставре Шапе кој бил вокал во првиот музички состав ВИС Илинднски Искри во Крушево. Уште на 6 годишна возраст се роди таа љубов кај мене,поминувајќи голем дел од денот покрај радиокасетофонот и слушајќи ги тогашните трендовски музички радио програми.Исто така подоцна доаѓајќи си од школо едвај чекав да стигнам дома и на системот да миксам и уживам во тоа.Секогаш кога ќе влезев во некој клуб или некоја дискотека,мене не ме интересираше инвентарот,послугата и слично,мене ме интересираше кој пушта музика,како ги микса песните ,какво озвучување има ете баш тие работи. Со тек на време знаев дека мора да го направам и тој чекор и да почнам да пуштам музика т.е да се бавам до диџејство.Кога сум позади микспултот,целосно ја предавам мојата позитивна енергија кон публиката и кога таа енергија ми е возвратена ете тој филинг е тоа вистинското за мене.Обожавам кога публиката е среќна,разиграна,насмеана,гласна и на крај задоволна,тоа највеќе ме исполнува.Ете поради сето тоа сакам да се занимавам со диџејство.”

На прашањето дали во иднина мислиш да се занимаваш со диџејство, тој рече: ,,Желбата постоела и ќе постои,така да секако планирам никогаш да не престанам да го работам тоа. “

Следно што го прашавме Dj Jovan беше дали постојат познати личности странски или наши кои му служат како инспирација, па одговори: ,,Секако дека има и странски и наши изведувачи кои ме инспирираат,тоа се Диџеи,машки и женски вокали како денешни така и поранешни.”

Кажи нешто интересно за тебе? – ,,Како што кажав,голем љубител сум на музиката,посебно на клубската и хаус музиката.Најголем виновник за тоа е  мојот прв братучед,Ристо(Ице)Митаноски кој во тоа време беше најдобриот диџеј кај нас.Еве накратко ќе ви кажам како ми се роди желбата. Кога  диџеј Ристо ќе пушташе музика,а во тоа време да напоменам дека се пушташе на касети,јас секогаш седев до него и го пратев која песна од која касета ја пушта и на кој начин ја микса.Така по некое време јас ги научив сите песни на која касета се наоѓаат (а имаше преку 300 касети)и песната што диџеј Ристо ќе ми ја побараше јас точно знаев на која касета е и веднаш му ја подавав.Замислете тоа го правев од љубов,од што ми беше убаво,убаво се осеќав пред се,никој не ме терше со сила.И така по некое време почнав порано да доаѓам во дискотеката и да го користам времето да ги миксам омилените песни се додека постепено се полнеше диското за да откако ќе се наполни да настапи диџеј Ристо.Како поминуваше времето така се повеќе и повеќе ја добивав довербата и минутажата кај Ристо се разбира и сите негови диџејски трикови,совети,корекции итн. Па така една вечер Ристо не успеа да стигне од Скопје за Крушево и таа ми беше мојата прва вечер да настапувам сам која никогаш нема да ја заборавам. “

Следно, каде се имаш настапувано? – ,,Обично настапите ми се во нашата земја. Нормално не ги бројам дешавките кога сум бил на одмор или некое патување и надвор од нашата земја па често сум застанувал да измиксам по еден сет позади микс пултот,секако тие се неофицијални журки.”

Кој од настапите ти останал во сеќавање и зошто? Па ни одговори: ,,Не можам прецизно да ви одговорам на ова прашање,бидеjќи секој од моите настапи има различна приказна,нормално со happy end, а верувајте ги имало многу. Ајде ќе се обидам барем малку да доближам,еве како најдраги настапи ди ги издвоил оние во нашето Крушево, во Клуб Планет каде со Шестич верувајте ги правевме најдобрите журки кои надалеку се слушаа.Публиката уживаше,пееше и аплаудираше до раните утрински часови.Во најголемо сеќавање ми останале и ги издвојувам настапите во Клуб Планет  заедно со нашиот крушевчанец ,мој најдобар другар,најголем и најдобар вокал на сите времиња Тоше Проески, каде додека пуштав музика Тоше умешно влегуваше во ритам и многу прецизно и точно го миксаше својот вокал во секоја песна што ќе ја пуштев.Верувајте тој склоп звучеше прекрасно.Едноставно посакуваш журката никогаш да не заврши.Публиката лудувше,ечеше и не пратеше цело време.Забавите со Тоше беа друга димензија. Ете тие несекојдневни настапи можам да ги издвојам како  најомилени.”

Кажи некоја интересна случка поврзана со диџејството? – ,,Уф, има доста случки кои се имаат случено, нормално некои се, некои не се за јавност (хахаххаах) Еве ќе кажам најчеста случка која морам да признаам порано повеќе беше застапена ,сега за среќа многу поретко, а тоа е додека пуштав house музика задолжително ми доаѓаше некој дечко или некоја девојка и ми бараа да пуштам турбофолк песна. Во тој момент стварно не знаев како да изреагирам, дал да плачам ил да се смеам (хахахахахах) А уште пострашно е доколку се многу пијани и често се случувало да ми ги истурат пијачките врз миксетата и во тој момент имам проблем, нема музика. Ете тоа е „disaster„ и дефинитивно  во тој момент ти се плаче, мора да бидеш многу снаодлив и искусен за да повторно ја вратиш ситуацијата во нормала, за да продолжи забавата. ”

Потоа, во кои градови најчесто си настапувал? – ,,Моите настапи најчесто биле во нашата земја и тоа во Крушево,Скопје,Прилеп,Битола,Кавадарци,Тетово,Струмица,итн. Доколку заборавив некое место да набројам, sorry без замерки.”

Dj Jovan на прашањето што ќе им порачаш на сите оние кои ја слушаат твојата музика, ни одговори: – ,,На сите оние што ја слушаат мојата музика им порачувам и понатаму да ја слушаат, да продолжат да ме поддржуваат,да се сакаат и како и секогаш да шират позитивна енергија.”

И како последно прашање, кој е твојот предлог за подобрување на културно-забавниот живот во Крушево? – ,,Морам да ве пофалам пред да го одговорам последното прашање, дека во последниве години вашиот тим одлично го надополнува културно забавниот живот во Крушево, целосно сте вложени и ви успева сето тоа, на што сме и самите сведоци.Одлично функционирате,продолжете да ги негувате локалните диџеи,тоа е многу битно, и само како моја идеја или надополнување на сето тоа што го правите е во иднина да се донесе некое звучно име, мислам на странски диџеј и повторно заедно да докажеме дека воопшто не заостануваме зад никого и дека крушевчани биле и ќе бидат позитивен пример за добра музика и забава како и секогаш. ”

На крај, му се заблагодаруваме на Јован Шапе за одвоеното време и краткото интервју, па му посакуваме уште многу успеси како во животот така и во диџејството.

Share on:

Музиката не’ исполнува, не’ прави среќни и задоволни, велат од ,,Инвиктус” .

Направивме едно интервју и со нашата позната група ,,Инвиктус’, која после кратка пауза повторно се врати на „крушевската сцена“’.

Сите ние ги знаеме како група која прави одлични забави, како во нашиот град, така и пошироко. Па и тие се согласија да одговорат на неколку наши прашања.

Прво, започнавме со прашањето од кога постои групата? –,, Групата Инвиктус постои од 2014 година. ”

Зошто почнавте да се занимавате со тоа? На тоа ни одговорија дека рок ен ролот како музика, култура и начин на живот, е тоа што нас не исполнува, не прави среќни и задоволни, затоа и се занимаваме и се трудиме да свириме рок музика.

Следното прашање, дали и во иднина планирате да се занимавате со музика? Следуваше позитивен одговор, да, се разбира.

Дали познати бендови, странски или наши, ви служат како инспирација? – ,,Не само ние, сите бендови кои започнале да се занимаваат со овој жанр на музика биле силно инспирирани од легендарните светски бендови, а исто така наша инспирација се и неколку рок бендови од бившите ЈУ простори, а тука спаѓаат и македонските, се разбира. “

Благојче Нанески, тапанар

Групата сподели и една интересна случка поврзана со нивен настап. ,,Период пред Нова година, во Крушево, настапувавме како предгрупа на групата „Фрајле“. Беше навистина една фрка, бидејќи требаше да свириме прво ние, па потоа да настапат „Фрајле“, а после нив, повторно ние до фајронт. На бината не беше баш комотно, а имаше многу инструменти. Дојде време да почнеме со свирење. Како што се подготвив јас за почеток, се завртив кон Благојче (тапани) и Мики (бас гитара) за да започниме, но во моментот кога погледнав накај Мики, забележав дека нешто не е во ред, а тој видно вознемирен пребаруваше околу инструментите. Го прашав, „Мајк, шо бараш“?! А, тој ме погледна и ми одговори, „Ми ја нема гитарата“. Навистина беше малку конфузна и вознемирувачка ситуација, но по неколку минути, успеавме да ја пронајдиме. ”

Во кои градови најчесто сте настапувале? –,,Крушево, Прилеп, Битола, Скопје и Штип. ”

Мики Сцеткоски, бас гитара (лево), Велко Николоски, гитара (десно)

Ни ја раскажаа и нивната приказна за основање на групата и за членовите во групата. ,,Пред да биде формиран бендот Инвиктус, јас заедно со Пеце Христоски (екс Инвиктус), после неколку годишна заедничка соработка, сфативме дека е време да формираме еден вистински сериозен бенд и така се одлучивме да ја започниме приказната. Првиот состав броеше 4 (четворица) членови и тоа: Велко Николоски (вокал, гитара), Пеце Христоски (клавијатури,), Благојче Нанески (тапани) и Коста Стевановски (бас гитара). ”

Кој од настапите ви останал во сеќавање? – ,,Настапот на летниот фестивал „When in Krusevo“ во Крушево, летото 2019 година. Беше одлична атмосфера, свиревме пред публика која ја разбира музиката што ја свириме и имавме прекрасен фидбек од нивна страна.”

Со нас го споделија и начинот на кој го избрале името на групата. ,,Обично многу бендови се именувале спонтано. Искрено околу името ни требаше одреден период да размислиме. Името „Инвиктус“ го предложи екс басистот Коста Стевановски, а не беше потребно многу за да биде прифатено и од нас. ”

Што ќе им порачате на сите оние кои ја слушаат вашата музика? –,,Би им порачал и понатаму да доаѓаат и да ги посетуваат нашите свирки, бидејќи навистина ни значи нивното присуство и поддршка. “

Како последно прашање за ,,Инвиктус” беше: Кој е вашиот предлог за подобрување на културно-забавниот живот во Крушево? – ,,Ние најпрвин би им порачале на граѓаните, особено на младите крушевчани, да слушаат добра, квалитетна музика, бидејќи жалосно е да ги минуваат најубавите години слушајќи лоша музика, а да не дознаат за тоа кои биле Битлси, Хендрикс, Џоплин, Цепелин, Парпл, Снејк…нивната идеологија, борбата против војните во светот преку музика, ширењето мир и љубов. Исто така би предложиле да се организираат што повеќе културни настани со настапи на наши македонски бендови кои се навистина квалитетни и да се одржуваат живи свирки во кафичите без турбо фолк музика. “

За крај, ние му се заблагодаруваме на Велко Николоски, кој одговараше на нашите прашања, а на ,,Инвиктус” му посакуваме уште многу успешни настапи.

Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)