Ете го снегот 😍

Размислував неколку дена да напишам текст со кој ќе го најавиме снегот во Крушево. Барем, нашата временска прогноза така кажуваше. Но, еве, текстот не се склопи ама снегот дојде 😆

Крушево е обелено. Вчера имавме поројни врнежи од снег, кои беа продолжение на претходната ноќ. Денес имаме бели покриви на куќите, обелени дрвја и сонце. Глетката е прекрасна.

Овие фотографии се доволно за да ви го доловиме моменталното расположение во Крушево.

Температурите се се’ уште релативно ниски, но сонцето кое е силно од рано утрово и временската прогноза велат дека ќе имаме загревање наредните денови.

Преку овој пост сакаме да ги известиме нашите следбеници и посетители дека Крушево е речиси целосно исполнето со туристи за Нова година. Ве повикуваме сите Вас да го посетите следниот линк за да ја погледнете листата на сместувачки капацитети.

Ииии, се гледаме во Крушево 😍

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Сончево и убаво, сте поминале тука?

Се наоѓаме во еден период во кој се случуваат големи временски промени. Ако, минатиот викенд го искористивме за прошетка, наредни викенди веројатно е дека ќе имаме мали наноси од снег. Но, останува да видиме.

Пределот кој води до историската локација Слива, а потоа и до манастирот Св. Преображение беше едно од местата за прошетка овој викенд. Покрај популарното место како Крушевско Езеро, овој пат нуди одлични чувства кои се побудени од околината.

Кога поминувате покрај Гумење и се упатувате во нагорен правец кон детското одморалиште некогаш викано Шула Мина, а денес викано Бегова Корија доаѓате до еден предел кој е тунел од есеснки лисја.

Влегувате во тој дел од околу 500 метри и имате чувство дека сте заштитени од се што е надворешно благодарение на дрвјата и пожолтените и портокалови есенски лисја. Овој предел го одите со главата подигната нагоре, а обувките ви чекорат во море од натрупани слоеви од лисја.

Изминатиот викенд ни понуди убаво време кое гостите во Крушево го искористија за прошетка. Самите крушевчани ја одминаа кафе дружбата, која е традиција во викенд денови, и го искористија претпладнето и раното попладне за прошетка.

Викендот што ни претстои не ни ветува убаво време, се очекуваат дождови, а можеби и нови снегулки, но крушевската кујна е тука да ви понуди подеднакво убав престој во нашиот град. Затоа, Ве очекуваме!

Пишува: Сотир Габелоски
Фото: Викенд во Крушево®

Share on:

Високо на 1 400 метри

Веќе зборувавме и пишувавме за Мечкин камен. Боите кои се распостелуваат на ова историско место се најубави оваа есен. На пат кон ова истовремено излетничко место е и полетиштето за параглајдинг. Тоа е неизбежно. И погледот од таму е прекрасен, но особено одзема здив оваа есен и во овие сончеви денови.

Еве пак ќе се потсетиме на боите на есента кои се можеби највпечатливи на Мечкин камен, ама ќе ве потсетиме и на постот кој го посветивме на ова место.

Прочитај повеќе: Мечкин камен деновиве – неповторлива прилика

После овој пост (на линкот погоре) повторно се навраќаме на ова место. Деновиве и по објавување на овој блог пак ќе се вратиме оти е прекрасно. Свежо е, но боите и сонцето го привлекуваат нашиот тим одново да се враќа тука горе на 1 400 метри надморска висина.

Доволно е до овде да дојдете со автомобил и само да го истражите ова место. Ако сте за прошетка можете комотно да испешачите околу 3 до 4 километри до Мечкин камен и од 1 250 да се искачите на 1 400 м.н.в. Оставаме на вас. Ама, како и да е ова место топло го препорачуваме оваа есен.

Прогнозата за временските услови вели дека времето ќе остане претежно сончево и температурата од ден во ден ќе се подигнува. Затоа, ако доаѓате од друг град овој викенд дестинацијата која ќе ја изберете е токму Крушево, а дел од агендата мора да биде Мечкин камен.

Застанете на самото полетиште. Значи морате ! ! ! Оттука погледот е феноменален. Ја гледате Пелагонија. Гледате разнобојни дрвја. Гледате сино небо. Вдишувате, издишувате. Среќни сте. Мирот го вдишувате, стресот го издишувате.

Летото во Крушево е убаво. Тоа е посвежо и полесно за дишење. Зимата е убава заради снегот. Пролетта е добра како најава за летото. Но, овие фотографии покажуваат дека есента е подеднакво привлечна. Мислам дека ве уверивме со нашите фотографии и пренесени искуства.

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:

Мечкин камен деновиве – неповторлива прилика

Само што сонцето угрее секое место во Крушево е од убаво – поубаво. Така е и деновиве на Мечкин камен.

Прошетката до Мечкин камен е уште една опција за љубителите на Крушево и природата. Да не испадне дека само Крушевско Езеро е убаво за прошетка. За промена може да го искористите убавото време и да испешачите добри 4 километри во еден правец и да уживате на есенското сонце на Мечкин камен.

Погледнете ги фотографиите. Есента е во полн ек. Глетката е преубава. Постелените лисја се декор на сите овие пејзажи. Летото е убаво. Есента подеднакво убава. Барем кога нема дождови.

Местата за седење и дружба се исто така одличен избор да поминете време и да одморите од искачувањето до Мечкин камен. Можеби ќе сакате да се појавите пред сонцето затоа што сепак се работи за есен во Крушево, но потрошете некој минутка на овие места од овој историски локалитет.

Драги наши љубители на Крушево. Ве очекуваме во Крушево. Да го искористиме топлото време, да ја искористиме убавата есен и да уживаме под отворено небо. Ова е неповторлива прилика.

Пишува: Сотир Габелоски

Share on:
Викенд во Крушево

Викенд во Крушево

error

Уживате во нашиот сајт? Споделете да дознаат и другите. :)